Се тресе столчето на Алушовски, Вардар планира да го замени со - странец!

Вардар има една од најслабите сезони во последниве години и причините за тоа се, пред сѐ објективни, меѓутоа корекциите, најверојатно, ќе почнат од тренерското столче, кое веќе полна година го чува Стевче Алушовски.

Спорт1 дознава дека на повидок е тренерска смена во Вардар и тоа, не само разделба со Алушовски, туку експресен ангажман на негова замена. Неофицијално, одново на клупата ќе седне странски предводник, како што беше случајот во изминативе години.

Непознато е до кога ќе трае „мандатот“ на Алушовски, со оглед дека февруари е преполн со натпревари, буквално по еден на секој тред ден. Се разбира, секој нов натпревар е шанса за Алушовски да покаже дека овој Вардар може да постигне и повеќе од досега, но имајќи го предвид распоредот на натпреварите тоа ќе биде тешко. По откажувањето на натпреварот во Париз, вардарци следно ќе му гостува на Фленсбург на 11 февруари, а во седумте дена потоа двапати ќе игра со Пик Сегед.

За волја на вистината, вицепрвакот во СЕХА ја почна новата регионална сезона со два од два, меѓутоа со неубедлива игра, за која и самиот Алушовски призна дека може да биде подобра. Поранешниот македонски репрезентативец на Македонија го презеде Вардар на почетокот на 2020 година и немаше баш рамноправна шанса да се покаже со оглед дека лани во овој период екипата западна во финансиска и играчка криза, па функционираше со преполовен состав. Потоа настапи корона-паузата, во меѓувреме и сопственичката трансформација со доаѓањето на Михајло Михајловски и потоа одново проблематичната есен, со карантини и одложени натпревари.