РК Вардар му откажа на ФК Вардар заедничка прослава, но не соопшти каде ќе биде нивното славје!?
ФК Вардар ја најави прославата во Градскиот парк во Скопје на „Школка“ на 23 мај по натпреварот против Шкендија, по што РК Вардар информира дека нема да присуствуваат на веселбата затоа што претходно имале закажано шампионска забава за 23 мај од 20.30 часот (во истото време како и фудбалерите), но не ја соопшти локацијата.
„АД Ракометен Клуб Вардар 1961 имаше исклучително успешна сезона во која ги обедини титулите во Македонија и имаше успешен настап во Европа. Горди сме што овие успеси ги постигнавме пред полни сали и го привлековме вниманието на целокупната спортска јавност.
Овие успеси немаше да бидат возможни без нашите навивачи, но и нашите спонзори, партнери и пријатели. По тој повод пред извесен период ние веќе го дефиниравме датумот и ги испративме поканите за нашата прослава на која ќе присуствуваат сите играчи, членови на стручниот штаб, раководството на клубот, спонзори и ВИП личности.
Прославата ќе биде одржана на 23 Мај (сабота) со почеток во 20:30 часот, па не би можеле да присуствуваме на прославата која ќе биде организирана од страна на ФК Вардар, а на која беше најавено нашето присуство.
На нашите колеги од ФК Вардар им ја честитаме титулата и им посакуваме успешен настап во Европа“, информира ракометниот клуб.
ФК Вардар и Шкендија ќе се соочат на 23 мај од 18 часот, а по натпреварот е предвидена голема забава и славје во Градскиот Парк.