РФМ последна го прекина првенството на неодредено време!

Ракоментата федерација на Македонија по примерот на сите останати спортски организации во држата и официјално ги прекина сите натпреварувања на неодредено време поради состојбата со коронавирусот.

Куќата на ракометот внимателно ќе ја следи ситуцијата и доколку се создадат услови за продолжување на натпреварите во сите конкуренции ќе ги извести засегнатите страни и јавноста.

„Ве известуваме дека Раководството на Ракометната Федерација на Македонија донесе одлука за прекин на неодредено време на националното ракометно првенство во Супер и Прва машка ракометна лига, натпреварите од Женската ракометна лига, како и сите натпревари во младинските категории.

Одлуката е донесена согласно препораките од страна на Министерството за здравство за превенција од вирусот COVID – 19 и согласно уредбите од Владата на Република Северна Македонија за превенција од вирусот COVID – 19.

Ракометната Федерација на Македонија ќе ја следи состојбата и навремено ќе ги извести сите засегнати доколку се создадат услови за продолжување на активностите во рамките на РФМ.

Со почит,

Ракометна Федерација на Македонија“.

Ова соопштение доаѓа неполни две недели, откако на 12 март РФМ ги прекина натпреварувањата привремено, на 14 дена. Сега прашање е кога ќе продолжи првенството, особено плејофот и плејаутот во Суперлигата и дали ќе има време тоа да биде во нормален формат или ќе се бара некое друго алтернативно решение. Од Куќата на ракометот веќе информираа дека засега само ќе ја следат ситуацијата, а подоцна ќе носат одлуки.