„Ракометот во Европа ќе биде незамислив без Битола“

Денешното „раѓање“ на новиот ракометен прволигаш од Битола, кој е спој од двете екипи кои изминатиов период настапуваа посебно, а во во иднина ќе го носи името Еурофарм Пелистер, беше поздравено од спортската јавност во државата, како и од носителот на проектот, челниците на Еурофарм Работник.

Тие со соопштение ги искажуваат своите размислувања за спојувањето на двата клуба и патот кон целосно формално-правно завршување на оваа фузија.

„Управата на Еурофарм Работник го поздравува денешното изгласување на 'Платформата за ракометна Битола' од страна на советот на општина Битола. Ваквата одлука на советот овозможува пристапување кон финализирање на сите административно-технички аспекти кои се опфатени со договорот. Ние и понатаму остануваме посветени на конечна завршница и реализација на договорот и се надеваме дека овие формалности ќе успееме да ги завршиме за многу краток период после кој веднаш ќе пристапиме кон реализација на договорот. Исто така би сакале да потенцираме дека и понатаму остануваме целосно убедени дека од реализацијата на оваа платформа најголемата придобивка ќе ја има ракометот во Битола.

Ракометна Битола во натпреварувачката сезона 2019/20 повторно е дел од врвната ракометна Европа. Впрочем, ракометна Битола отсекогаш припаѓала таму. Ние сме цврсто убедени дека во годините кои следат, ракометот во Европа ќе биде незамислив без ракометот од нашиот град. Годинашнава европска приказна ја оценуваме како успешна во секој поглед. Преку досегашните телевизиските преноси, публиката ширум Европа имаше можност да види колку во Битола се сака ракометот, колку навивачите на трибините го разбираат и знаат за ракометот. Најдобар показател за тоа е фактот што од почетокот на сезоната, нашиот град и нашата сала се на првото место по посетеност на натпреварите во СЕХА лига на домашен терен. Истовремено сме сигурни дека добар дел од ракометна Европа во наредниот период дополнително ќе има можност и ќе ја дознае тајната и магијата на ракометна Битола“, се вели меѓу другото во соопштението на битолчани.

Новиот тим сезонава ќе ја игра во досегашната сино-бела боја на дресовите, додека во иднина ќе користи и зелено-бела комбинација како наследство од екипата со поголема традиција, Пелистер.