
„Претпазлив сум поради македонскиот менталитет – сакам да уживаме во мечот со АЕК!“
Тренерот Кирил Лазаров изрази благодарност за поддршката што клубот ја добива, особено на европскиот пат, и најави дека тимот со позитивна енергија и зрелост ќе го дочека финалниот дуел.
„Стигнавме до меч што многу значи, не само за клубот туку и за македонскиот ракомет. Победата во Атина беше резултат на одлична тимска игра. Имаме солидна предност, но остануваме претпазливи. Неочекувано имаме одличен резултат со плус од четири гола. Сите беа на висина на задачата, па сега со голема предност влегуваме во реваншот со АЕК. Од една страна секогаш сум претпазлив од она што не очекува знаејќи го нашиот менталитет, бидејќи моменталниот ростер на клубот, 19 играчи се Македонци, тоа секогаш ќе го споменувам затоа што е важно за македонскиот спорт. Сакам да бидам претпазлив, но чувствувајќи ја атмосферата, мора малку порелаксирано да го дочекаме тој меч од страна на тимот и да уживаме. Како играч имам играно повеќе финалиња, големи финалиња, повеќето ги имам изгубено. Тоа искуство ми помага да ја спремам екипата.“, изјави Лазаров.
Иако победата во Грција беше импресивна, Лазаров останува внимателен пред реваншот, предупредувајќи на можноста за подоцнежна реакција од АЕК.
„Мислам дека нè потценија, но сега ќе бидат поподготвени. Ние пак ќе бидеме фокусирани и смирени, ќе уживаме и ќе дадеме сè од себе“, дополнува искусниот стратег.
Натпреварот в недела го носи Алкалоид пред историска шанса – да го донесе првиот европски трофеј во витрините на клубот и да испише нова страница во македонскиот ракомет како трет тим по ваков успех – по Вардар и Кометал Ѓорче Петров.