Подобриот Пелистер победи во братскиот меч, Тиквеш искористи

Битолската пресметка во рамки на 9. коло од плејофот во ракометната Суперлига помина со очекуван епилог - победа на Пелистер. Тоа значеше шанса за Тиквеш да победи во својот меч со Охрид и да го престигне Пелистер 2, на четвртото место на табелата.

Пелистер ниту се штедеше, ниту се форсираше во дуелот со својот втор тим и оствари победа со 30-27, во улога на формален гостин во салата „Боро Чурлевски“. Поквалитетниот и поискусен тим направи разлика уште во првиот дел, кој го доби со 15-10. И во вториот дел обидите на вториот Пелистер беа само стихијни и периодични, а водството на фаворитот растеше. Во 55. минута дојде до 28-20, па само поради опуштање во финишот конечната разлика застана на три гола. Стипе Мандалиниќ со девет гола беше најефикасен на мечот, Филип Арсеновски постигна седум за поразените.

Со оваа шеста „нула“ во плеј-оф фазата, Пелистер 2 остана на осум бода, но сега падна на петтото место, бидејќи Тиквеш го прескокна. Кавадарчани славеа против Охрид во својата сала, со 28-22 и сега имаат девет бода, на позиција која носи Европа. Меѓутоа, во последното коло играат со Вардар, кој мора да победи за да ја завери титулата, така што ќе мора да чекаат Пелистер 2 во Охрид, за да останат четврти.

Против истиот тој ривал, избраниците на Горан Андоноски денеска одиграа рамноправно прво полувреме, но во второто Охрид падна и Тиквеш создаде победничка разлика. Српскиот плејмејкер, Страхиња Симиќ предводеше со осум гола, пет даде Јане Јанчев, а толку имаа двајцата најефикасни кај Охрид, Наум Костов и Мартин Манасков.

Ова деветто коло од плеј-офот ќе биде затворено утре во 18 часот, за кога е закажан дуелот Бутел - Вардар. Тоа е последно гостување на Вардар, кој во моментов е втор со 26 бода, два помалку од Пелистер. Бутел е трет со 18.