Пелистер рутински против Бутел, Струга го испоти Охрид во езерското дерби!

Пелистер немаше проблеми против Бутел, битолскиот тим славеше со 30-22, Охрид со пресврт во второто полувреме славеше на гостувањето кај Струга со 24-21.

Пелистерци рутински ја решија задачата против Бутел и запишаа уште една победа во плејофот со која дојдоа чекор поблиску до одбрана на титулата.

Брзо во мечот Пелистер се одлепи, на полувремето беше 14-9, до крајот на дуелот само ја зголеми предноста за на крајот да слави со 30-22.

Кузмановски со пет голови беше најефикасен кај Пелистер, Пешевски постигна четири. Кај Бутел Крстевски и Јевтиќ дадоа по четири.

Струга е без победа во плејофот и како последна на табелата го пречека Охрид кој во меѓувреме се качи на третата позиција. Малку фалеше да се случи чудо и стружани да го добијат езерското дерби.

Струга беше подобра во првото полувреме, постојано имаше водство, а на одморот заминаа со предност од 14-11.

Охрид го крена нивото во вториот дел, почна да ја топи предноста на Струга и го сврте мечот. Но беше неизвесно, во 54. минута резултатот беше 20-20. На крајот фаворитот имаше подобар финиш и дојде до победа од 24-21.

Никола Јукиќ со шест гола беше најефикасен во составот на Охрид, кај Струга Мерис Бошњак даде дури девет голови.