
Пелистер останува без еден од голманите: Ивиќ се сели во најтрофејниот српски клуб
Медиумите кај нашиот северен сосед тврдат дека тој од идната сезона ќе биде член на Војводина. Тимот од Нови Сад сезонава ја прекина доминацијата во домашниот шампионат бидејќи првпат по 11 сезони не успеа да дојде до трофејот. И покрај тоа, Војводина е најуспешен српски клуб со 11 шампионски титули, сите освоени во перидот од 2013 до 2024 година.
Ивиќ дојде во Пелистер минатото лето и беше најавен како големо засилување, но остана во длабока сенка на ветеранот Никола Митревски кој е и најзаслужен за освоената титула, особено поради блескавото издание во последниот меч, против Вардар во Скопје. Во својата кариера бранеше и за Загреб, Келце, Гумерсбах, Цеље и Шамбери, па Војводина, односно Србија, ќе му биде нова станица.
Тој не беше меѓу ракометарите за кои Пелистер, непосредно по освоената титула, објави дека си заминуваат затоа што им истекоа договорите. Тоа беа Урош Борзаш, Емилијан Ѓорговски, Ненад Костески, Мохамед Шабиб Мамдух и Павле Петровиќ што значи дека Ивиќ е шести ракометар од шампионскиот тим кој си оди од Битола.