
Пелистер го торпедираше Алкалоид - битолчани имаат пол-позиција во плејофот!
Од самиот почеток избраниците на Раул Алонсо го наметнаа своето темпо, па „фармацевтите“ во ниту еден момент не беше во водство. Имаа гостите од Скопје проблеми со реализацијата во почетните минути, па Пелистер отвори со водство од 5-1. По половина од првиот дел ракометарите на Алкалоид постигнаа само три гола, а Алкалоид ги одржуваше до тогаш највисоките „плус 5“ (8-3).Сигурно играше Пелистер и во прододолжение од првото полувреме, па високата предност лесно ја одржуваше. На пауза домашните ракометари заминаа со водство од 16-11.
Се обидуваше Лазаров да ги мотивира своите избраници да се вратат во натпреварот, но второто полувреме донесе уште поголема доминација на битолскиот состав. Растеше предноста од минута во минута, па во 43. минута за првпат домаќините поведоа и со двоцифрена разлка (24-14). Останатото до крај беше само рутина и доработување на задачата на радост на преполните трибини во салата во Битола. Најефикасен во победничкиот табор беше Филип Кузмановски со 11 погодоци, осум додаде Богдан Радивојевиќ. Кај поразената екипа се истакна Мартин Серафимов со осум погодоци.
Пелистер со оваа победа ја надополни негативата од поразот во натпреварот против Алкалоид во Скопје (25-32), па сега е лидер на табелата и во позиција да пренесат три бода во плеј-офот. Тоа ќе се оствари ако Пелистер не дозволи изненадување во последните три кола од регуларниот дел против Радовиш (гости), Бутел (дома) и Прилеп (гости). Ако и Вардар и Алкалоид не кикснат во пресметките со т.н аутсајдери, тогаш во следната фаза ќе пренесат по два бода.