Јончевски: Шортс е фантастичен, ама ќе беше супер да имавме странец-центар во Талин!

Македонската репрезентација вечерва со победа над Полска (88-74) го заврши настапот во квалификациите за ЕП 2025, кое ќе го гледаме на телевизија со оглед што нашите момци уште еднаш не успеаја да се најдат во европскиот кошаркарски крем.

Полјаците уште пред овој циклус знаеја дека ќе играат на континенталниот собир како еден од четирите домаќини, поради што двете победи против нив не ни носат никаков ќар. Поради тоа, селекторот Александар Јончевски на прес-конференцијата повеќе говореше за средбата од Талин од петокот, каде што по поразот од Естонија ги загубивме сите шанси за место на ЕП.

„Ова е исклучително важна победа за нас која, за жал, не можеме да ја прославиме бидејќи не се пласиравме на ЕП. Можеме да жалиме за првиот натпревар против Естонија, одигран во Скопје, но задоволен сум од пристапот на кошаркарите од првата до последната минута и среќен сум поради навивачите кои дојдоа во голем број и видоа добар натпревар.Мотивацијата беше најтешкиот момент за денешниот натпревар, особено што имавме огромна желба да ја победиме Естонија, игравме добри 27-28 минути во Талин кои, за жал, не беа доволни за победа. Реалната слика од тој меч не е 20 разлика, имавме отворени шутеви кои не ги победивме. Да го имавме денешниот процент во Естонија, исходот ќе беше многу подобар“, изјави селекторот.

Нашиот предводник од клупата изрази жалење што на клучната средба во естонската престолнина немавме центар-странец поради повредата на Итан Хап, па моравме да се задоволиме со Ти-Џеј Шортс, кој е случен играч со Нено Димитријевиќ и без ниту еден класичен центар.

„Можеби имавме среќа денеска дека Полјаците го немаа Балчеровски и што во првото полувреме имаа нула офанзивни скокови. Зеќири почна на позицијата 3 и добро го затвори рекетот. На овој меч, ни одговараше Шортс, но можеби центар-странец повеќе ќе ни одговараше против Естонија. И Хап и Шортс се одлични момци, одлични кошаркари и среќен сум што ги имаме како натурализирани играчи“, дополни Јончевски.

Македонската репрезентација следниот настап ќе го има во август во претквалификациите за ЕП 2027.