
Пирова победа над Полска, Маслинко одигра перфектен меч (ФОТО)
Во натпреварот одигран во СРЦ „Кале“, избраниците на Јончевски ја искористија домашната поддршка и со сигурна игра стигнаа до заслужена победа. Најефикасен беше Ти Џеј Шортс со 23 поени и пет асистенции, кој повторно го предводеше тимот, додека Андреј Маслинко блескаше со 22 поени и со перфектен шут од игра (8/8).
Македонија ја отвори средбата со негатива од 0-4, но брзо се врати во игра со тројките на Димитријевиќ и Зеќири, додека Војдан Стојановски со положување го донесе првото водство (8-6). Првата четвртина мина во израмнета игра сè до серијата на Шортс, кој со две тројки и шут од центарот обезбеди предност од 26-19. Во втората четвртина Македонија ја зголеми предноста на плус 10 (29-19) преку тројката на Робев. Полска успеа да се доближи на 34-29, но Димитријевиќ ја врати двоцифрената разлика (42-32). Сепак, гостите со тројка на крајот на полувремето намалија на 45-39.
Третата четвртина донесе неизвесност, кога гостите намалија на само еден поен (47-48), а потоа израмни на 53-53. Но, Шортс повторно презеде одговорност со важни поени, додека Ефремовски и Зеќири со тројки ја вратија двоцифрената предност (65-55). Последната четвртина започна со водство од 12 поени за Македонија. Иако Полска се доближи на четири поени разлика (71-75), Андреј Маслинко со две забивања во серија од шест поени ја врати сигурноста (81-71). Коленда со тројка ја одржа надежта на гостите, но Шортс со клучни поени ја запечати победата.
Жолто-црвените и покрај двете победи над Полјаците и третото место на табелата, сепак, нема да игра на ЕП 2025, со оглед што нашиот вечерашен противник играше надвор од конкуренција бидејќи веќе имаше обезбеден пласман како еден од четирите домаќини.