Пелистер го наполни голот на Пролет, Алкалоид подобар од Тиквеш

Македонскиот шампион Пелистер немаше милост за Пролет и славеше со 36-24, додека Алкалоид го надигра Тиквеш со 24-22 во второто коло на ракометната Суперлига.

Екипата од Битола тргна фуриозно во натпреварот и победата ја најави уште во првите 30 минути кои ги доби со 21-12, додека во вториот дел продолжи со одличната игра, па дополнително ја зголеми предноста до конечни 36-24.

Најдобар стрелец во редовите на Пелистер беше Хекбарт со девет голови, додека Палевски запиша седум погодоци за Пролет.

Алкалоид имаше одличен почеток на мечот во Кавадарци и поведе со 8-3, по што го чуваше водството до полувреме (14-9).

Тиквеш заигра многу подобро во вториот дел и намали на само еден гол негатива (18-19), меѓутоа Алкалоид не дозволи изненадување и со одлична игра стигна до 24-22.

Дамјан Митев постигна шест голови за Алкалоид, додека по четири постигнаа Манасков, Коцев и Цветковски.