Пелистер едвај преживеа во Охрид – Кузмановски го спаси шампионот!

Ракометарите на Пелистер дојдоа до тешка победа на вечерашното гостување кај Охрид (26-23) во дербито на второто коло од плеј-офот.

Натпреварот беше крајно неизвесен и драматичен, а клучната разлика ја направи капитенот Филип Кузмановски со серија голови во самиот финиш. Домаќинот започна силно и уште од првите минути најави борбен натпревар, поведувајќи со 4-1. Иако ослабени поради повредите на Матцуока и Ојронокидѕе, охриѓани се спротивставија на фаворитот и имаа водство до самиот крај на првото полувреме. Сепак, Пелистер успеа да направи пресврт и да замине на одмор со минимална предност (11-12).

Во второто полувреме, дополнителен удар за Охрид беше повредата на Ловро Јотиќ, што го принуди тренерот Алушевски на ротации и импровизации во тимот. И покрај тоа, „рибарите“ останаа рамноправен противник, а натпреварот остана неизвесен до самата завршница. Во последните десет минути, блесна капитенот на пелистерци, Кузмановски, кој постигна пет клучни голови и ја обезбеди победата на својот тим на жешкиот охридски терен.

Тој беше и најдобар стрелец на натпреварот со вкупно 12 погодоци, по шест во двете полувремиња. Одлична поддршка доби и од Богдан Радивојевиќ со седум голови. Кај Охрид, најефикасен беше Рудолф Сафранко со седум погодоци, додека Цирар и Јотиќ постигнаа по пет.

ФОТО: А. Момироска (Охрид њуз)