Од Магдебург во Вардар доаѓа - руски џин!

Рускиот репрезентативец Глеб Калараш е најново засилување на Вардар, кој доаѓа од германски Магдебург.

Пивотот, кој е висок 205 сантиметри побарал раскин на договорот со германскиот тим за да му се приклучи на Вардар. Магдебург му излегол во пресрет на ракометарот и без никаков проблем ја раскинал соработката со 27-годишниот руски репрезентативец.

„Можеби ќе почнам со тренинзи во Вардар во недела или понеделник, ќе видиме. Едвај чекам да играм во СЕХА-лигата и во Лигата на шампиони и се надевам дека во Вардар ќе имам поголема минутажа“, изјавил Калараш за германските медиуми.

Русинот е поранешен ракометар на Мотор Запорожје, а во Магдебург играше само една сезона. Тој доаѓа во црвено-црниот табор да ја засили пивотменската позиција по заминувањето на Мијајло Марсениќ, каде македонскиот тим остана само со капитенот Стојанче Стоилов и Рожерио Мораеш.