Јокиќ покажа зошто е најдобар во НБА - се играше на паркети од кои болат очи (ВИДЕО)

Сезоната во најсилната кошаркарска лига во светот ноќеска продолжи со 11 возбудливи натпревари, кои паралелно се бележат и за НБА Купот, кој ќе се игра секој петок до 28 ноември, по што следуваат уште средби во вторник и среда, додека завршниот дел е закажан од 9 до 16 декември.

Кошаркарите на Минесота тимбервулфс дојдоа до највисоката победа на вечерта, совладувајќи ја Јута џез со огромни 137-97. Мечот доби дополнително внимание поради необичната жолто-зелена боја на подлогата, од која играчите ги болеа очите, поради што на социјалните мрежи предизвика бројни коментари и шеги.

Сан Антонио беше подобар во тексашката пресметка со Хјустон (121-110), додека Јанис Адетокумбо со 41 поен беше клучната фигура во победата на Милвоки против Чикаго (126-110), кој го претрпе само вториот пораз сезонава.

Најголемо внимание привлече дуелот во Колорадо, каде Денвер рутински го надигра Голден Стејт (129-104) и ја продолжи перфектната серија на домашен терен (5/5). Никола Јокиќ беше на чекор од трипл-дабл – 26 поени, 9 скокови и 9 асистенции, а Џамал Мареј додаде 23 поени. Вориорси повторно настапија без Стеф Кари, кој поради болест го пропушти и овој меч. Во игра се вратија Дрејмонд Грин и Џими Батлер, но и покрај нивните 17, односно 16 поени, гостите запишаа петти пораз во низа надвор од свој терен.

РЕЗУЛТАТИ: Орландо – Бостон 123-110, Вашингтон – Кливленд 114-148, Атланта – Торонто 97-109, Бруклин – Детроит 107-125, С. Антонио – Хјустон 121-110, Мемфис – Далас 118-104, Мајами – Шарлот 126-108, Милвоки – Чикаго 126-110, Минесота – Јута 137-97, Денвер – Голден Стејт 129-104, Сакраменто – Оклахома 101-132.

ФОТО: X / @nuggets