Нова победа за Вардар – лесно и убедливо совладан и Мулти Есенс!

Ракометарите на Вардар дојдоа до 12. победа во 13. меч сезоната во Суперлигата, откако вечерва лесно и убедливо славеа на гостувањето кај младиот и талентиран состав на Мулти Есенс (40-23).

Искуството и квалитетот беа на страна на црвено-црните, кои максимално го искористија тоа и ја задржаа првата позиција на табелата во групата Б. Милан Лазаревски со седум и Томислав Јагуриновски со шест голови беа најпрецизни кај вардарци, каде што одлични беа голманите Васил Гогов со осум и Мартин Томовски со седум одбранети удари, додека Јорданов со шест погодоци беше најефикасен кај домаќинот.

Вардар на едно коло пред крајот на суперлигашката фаза од ракометното првенство има 35 бодови, два повеќе од Пелистер, кој има и меч помалку, но и полоша гол-разлика во меѓусебните дуели со скопјани. Мулти Есенс, пак, дефинитивно ќе игра во групата за опстанок со оглед што досега има две победи во 13 меча.