Нов случај на коронавирус во ракометот: Екс-репрезентативецот Диви позитивен на ковид-19

Поранешниот македонски репрезентативен голман Петар Ангелов – Диви, екс-чувар на мрежата на Вардар, Пелистер е најновиот заразен од коронавирус во македонскиот ракомет, откако денеска неговиот Тинекс Пролет објави за позитивниот тест на голманот.

Како што објави Пролет, популарниот Диви во последниот период не бил во тренажен процес поради болки во коленото, па откако му се појавиле симптоми на ковид-19, експресно бил тестиран и резултатот бил позитивен, со што е ставен во изолација, а тренинзите прекинати додека не се спроведе тестирање на целиот тим идната недела.

„Голманот на Тинекс Пролет, Петар Ангелов - Диви, е позитивен на Covid-19. Нашиот чувар на мрежата не беше во тренажен процес во последниот период поради болки во коленото, но по појавата на првите симптоми Ангелов беше тестиран, по што денеска доби позитивен резултат на Covid-19. Иако Ангелов не беше во контакт со соиграчите во последните денови, Тинекс Пролет ги презема сите неопходни чекори, тренажниот процес на првата екипа е прекинат, а за следната седмица е закажано колективно тестирање на сите членови на нашата екипа и на стручниот штаб. Му посакуваме на нашиот чувар на мрежата што побрзо оздравување и враќање на терените“, објави Пролет.