
Толедо го напушта Вардар, зашто девојката му е поважна од ЛШ!
Десниот бек ќе го замени Вардар со романска Баја Маре, клуб кој ја нема помирисано Европа цели 15 години. Меѓутоа, тајната на трансферот не е во професионалниот, туку во приватниот живот на Толедо.
Од летово, член на Баја Маре ќе стане Ларуса Араужо, неговата девојка, лево крило на бразилската репрезентација, кое досега играше за Клуж. Со оглед дека Толедо го зафати карантинот во Скопје, двајцата ќе да се немаат видено долго време, па вардарецот попуштил и решил и тој да замине за Баја Маре.
Тоа е третопласираниот клуб во Романија во сезоната која беше прекината од коронавирусот, така што, сепак, по 2005/06 сепак ќе игра во Европа, а Толедо наместо во ЛШ, ќе се натпреварува во новата, Европска лига или во ЕХФ-купот.
Жозе Толедо е уште млад, има 26 години и допрва може да го покаже талентот, поради кој направи трансфер од Висла во Вардар, минатото лето. Блесна и на СП 2019 како ко-најдобар стрелец на бразилската репрезентација, а неколку месеци пред тоа беше најдобар десен бек на Панамериканските игри. Сепак, во Вардар не го демонстрира талентот, поради повредата на коленото, која го отстрани од теренот, речиси, цела сезона.
За разлика од него, во Вардар и по сопственичката реорганизација ќе останат Тимур Дибиров, Столе Стоилов и Иван Чупиќ, а веројатно и уште неколку ракометари од старата постава.