Мукаетов: Со чесен пристап и напорна работа, успехот секогаш сам доаѓа!

Екипата на Алкалоид денеска и официјално беше прогласена за шампион во ЕХФ Европскиот куп откако Европската ракометна федерација го додели реваншот кој не се одигра на тимот од Автокоманда со службени 10-0.

АЕК допатува во Скопје, но не излезе на теренот, па така и ваквата одлука на ЕХФ се очекуваше. На социјалните мрежи се огласи и првиот човек на Алкалоид, Живко Мукаетов кој потенцираше и дека Кире Лазаров е првиот македонски тренер со европски трофеј.

Со визија изградена врз млади македонски таленти, силна верба во тимот и професионализам според светски стандарди – РК Алкалоид испиша нова страница во европскиот ракомет.

Многумина не веруваа дека е возможно да се стигне толку брзо од салата во Автокоманда до врвот на Европскиот куп, но малку е ако кажам дека ми е навистина драго што успеавме!

А како? Со напорна работа, максимална посветеност, силен тимски дух, верба во фер-плејот и лидерство какво секој би посакал на клупата. Искрени честитки и од срце ОГРОМНО благодарам на Кире Лазаров кој и официјално стана прв македонски тренер во историјата на македонскиот ракомет кој освоил Европски трофеј.

Огромно БРАВО за момците кои јуначки и витешки се бореа на секој меч! Секоја чест на стручниот штаб за професионално сработените задачи - докажавме дека со чесен, искрен и транспарентен пристап, без скриени ракавици и задкулисни игри, успехот секогаш сам доаѓа! 

За крај, и над сѐ, благодарност од СРЦЕ на прекрасната публика: вработените во Aлкалоид прекрасните кафетинки
подмладокот од Алкалоид и Мулти Есенс - кои безрезервно ги бодреа своите идоли, како и непоправливите ‘ентузијасти’ кои верно нѐ следат на секој натпревар.Поздрав од плаво-белите од Автокоманда! 

Одиме понатаму 

Со верба во себе и верба во Бога!
НАПРЕД АЛКАЛОИД!!