Митев се врати во триумфот на Алкалоид, Вардар го надигра Пролет

Алкалоид славеше со 44-27 против Струга во меч во кој на теренот по долга пауза се врати македонскиот репрезентативец Марко Митев, додека Вардар го прегази Пролет со 37-26 во 10. коло од Суперлигата.

Екипата од Автокоманда доминираше во првото полувреме против Струга и замина на паузата со 20-13, додека во вториот дел Алкалоид заигра уште подобро за на крајот да слави со 44-27.

Митев конечно се врати во тимот на Алкалоид, откако беше надвор од терените по долга пауза, откако го оперираше десното колено на средината на април годинава. Емилијан Ѓорговски постигна седум голови за Алкалоид, додека Митев додаде шест погодоци.

Вардар беше одличен во средбата против Пролет и ја запиша 10. победа во домашниот шампионат со што го продолжи походот кон титулата.

Пролет се покажа како незгоден ривал во првото полувреме и им парираше на „црвено-црните“ (14-15), но Вардар направи исчекор и на паузата поведе со 20-16.

Поранешниот европски првак продолжи во ист ритам во вториот дел и ја зголемуваше разликата сè до конечни 37-26. Најефикасен кај Вардар беше Јака Малус со девет голови, додека Никола Стоилевски запиша пет погодоци за Вардар.

Вардар и Алкалоид в недела го играат дербито во Суперлигата од 18 часот.