Металург оствари втора победа за само 24 часа

Металург ја запиша и втората победа во домашната Суперлига во рок од 24 часа. По синоќешното успешно патување во Прилеп, денеска на свој терен го декласира Тиквеш со 36-24.

Металург немаше тешкотии со тазе суперлигашот од Кавадарци. Гостите држеа некаков приклучок само во првите 20-тина миунти од средбата, кога имаа тесна негатива (11-9). Меѓутоа Металург финишираше фуриозно во првиот дел, правејќи серија од 12 постигнати и четири примени гола, за да замине на пауза со 21-13.

Веќе во првите минути од второто полувреме разликата стана двоцифрена и во неколку наврати беше повторена највисоката, од 12 гола.

Иако во Суперлигата се одиграа само две комплетни кола, ова беше дуел од шестото, од причина што Металург подоцна во месецов ќе има обврски во Европската лига. На 22 септември игра дома против Криенс, а на 29 на гости, во Швајцарија. Победникот од тој двомеч ќе се пласира во групната фаза од Европската лига.