Металург начисто пропадна!? Си заминува и Хорват!

Металург се соочува со целосен распад, откако неодамна ги загуби браќата Кевин и Оливие Њокас, а сега им се заканува и хрватскиот ракометар Златко Хорват, кој сака да си замине доколку не ги испочитуваат условите кои претходно му биле ветени.

Хрватот минатото лето потпиша двегодишен договор со екипата од Автокоманда, која има финансиски проблеми и не може да го испочитува договорот со Хорват, кој му даде рок на Металург до утре да бидат исполнети барањата.

Заминувањето на Хорват би бил нов голем удар за Металург, кој требаше да се бори за највисок пласман во македонската ракометна Суперлига, но очигледно му се заканува тотален колапс.

Хорват се пожалил дека не ги добил ветените услови, како и дел од останатите ракометари, па ѝ се заканил на управата на Металург дека ќе си замине целосно бесплатно.

Металург неодамна се откажа и од ракометната Лига Европа затоа што од Европската ракометна федерација (ЕХФ) им беа побарани 50.000 евра за учество во елитното натпреварување.