„Македонија следната сезона ќе ја има најсилната ракометна лига на Балканот!“

Ракометниот клуб Охрид со голема амбиција и со комплетно променет состав ги почна подготовките за новата сезона, во која влегува предводен од искусниот стратег Борис Ројевиќ, кој од самиот старт испрати силна порака.

Според искусниот стратег, македонската лига ќе биде е најсилната на Балканот следната сезона.

„Веќе при првиот разговор со луѓето од клубот, а особено со градоначалникот Пецаков, ја почувствував искрената желба, сериозната амбиција и големата љубов кон ракометот. Таа енергија веднаш ме привлече и беше клучна да ја донесам одлуката да дојдам во клубот, но и во земја каде што ракометот се доживува со толкава страст – можеби и најмногу на целиот Балкан“, изјави Ројевиќ.

Охриѓани во новата сезона влегуваат со девет нови ракометари, формирајќи речиси целосно нова екипа. Според тренерот, тимот има солиден спој на младост и искуство, но и потреба од време за вистинска тимска хемија.

„Ќе ни биде потребно време сè да дојде на своето место, но верувам дека од ден на ден ќе растеме“, додава тој.

Посебен акцент Ројевиќ стави на квалитетот на македонската Суперлига, кој според него е на највисоко ниво на Балканот.

„Пелистер игра во Лигата на шампионите, Вардар е дел од европските натпреварувања, а Алкалоид е актуелен освојувач на ЕХФ Европскиот Куп. Сето тоа говори за силата на македонската лига - предизвикот е огромен“, вели новиот тренер на Охрид.

„Рибарите“ од старт имаат јасна визија – да се изгради тим што ќе го препознае целата ракометна јавност.

„Ќе одиме трпеливо, со верба во работата, стабилноста и поддршката од навивачите. Нашата цел е да изградиме тим препознатлив по борбеност, заедништво и карактер. Верувам дека ќе успееме да го израдуваме нашиот град“, заврши Ројевиќ.