Лазаров: Му направивме услуга на Пелистер да дојде до титулата!

По завршувањето на сезоната во македонската Суперлига, Кире Лазаров даде интервју за српскиот ракометен портал „Балкан хендбол“, во кое зборува за повеќе теми, од клупските бариери и достигнувања на Алкалоид, преку неговата лична перцепција за нашата лига, до македонската репрезентација.

Во својата прва сезоа како клупски тренер, Лазаров признава дека се уверил во тоа колку тешко е да се игра во македонското првенство. Според него Вардар располагал со најсилна екипа, а на Пелистер му направиле услуга за титулата. 

„Покажавме дека, ако се работи квалитетно, резултатот може да дојде, па макар и со млади момци без искуство. Плејофот беше полн со тензија и со квалитет. Салите беа исполнети. Кога ми велеа дека македонското првенство е тешко за играње, со оглед на сите околности, не верував, но сега се уверив со сопствени очи. Му направивме голема услуга на Пелистер, бидејќи со победата над Вардар, практично им овозможивме да дојдат до шампионскиот пехар. Тешко беше да очекувате дека Пелистер ќе го совлада Вардар со осум гола, по тие -7 во Скопје“, размислува Лазаров.

За Алкалоид, смета дека ги надминал сопствените очекувања во дебитантската сезона во Суперлигата освојувајќи го второто место и тоа со две победи над Вардар.

„Целта беше клубот полека да расте со нашите, македонски играчи, а да се избориме за пласман во Европа ако се укаже шанса, со оглед на големата конкуренцјиа и квалитетните клубови со добри буџети и доста странци во нашата лига. Завршивме втори со директен пласман во фазата по групи од Европската лига и во СЕХА. Најискрено, малку сме затекнати од оваа ситуација и размислуваме интензивно како понатаму, бидејќи за неколку месеци нè чека настап на три фронта“, вели Лазаров.

Во оваа насока, се појави и веста за прво странско засилување за следната сезона, француското лево крило Бинго, иако клубот нема официјално потврдено.

„Странци би зеле на позициите на кои ќе процениме дека немаме адекватно домашно решение, соодветно на потребите на клубот кои пораснаа, со оглед дека ќе играме во Европската лига и во СЕХА-лигата“, додава Лазаров.

Комплетното интервју можете да го прочитате ТУКА.