Кубанецот Моралес и со 35 години ќе „бомбардира“ во дресот на Вардар!

Само неколку часа откако го официјализира трансферот на рускиот кружен напаѓач, Павел Андреев, управата на ракометниот шампион Вардар го потврди и останување на ветеранот Куни Моралес.

Кубанецот (35 години) уште една сезона ќе „бомбардира“ во црвено-црниот дрес, откако добро се снајде во сезоната што полека изминува.

„Куни брзо стана миленик на публиката и важен дел во тимот и со своите игри го потврди квалитетот што го поседува. Леворакиот бек имаше одлични партии, особено во клучните моменти и во натпревари кои беа од особено значење за тимот. Со неговите продорни влезови и прецизни шутеви на многу натпревари Вардар ја покажа играчката надмоќ, а подеднакво одлично играше и во одбрана. Бескомпромисен борец и вистински професионалец и на задоволство на двете страни е продолжена соработката за најмалку уште една сезона. Моралес и во иднина ќе ги „кине“ ривалските мрежи, не само во домашното првенство туку и во Лигата на шампионите“, напишаа од Вардар.

Моралес сезонава постигна 36 гола на 12 натпревари во ЛШ, а во домашното првенство реализира 86 гола во регуларниот дел и во плејофот. Вардар последниот меч сезонава, во кој се очекува да го потврди новиот шампионски пехар, ќе го одигра утре и тоа на домашен терен против Тиквеш (17 часот).