Пред точно 20 години Кометал се вивна во шампионското небо на Европа!

Македонскиот ракомет денеска го слави денот кога првпат се вмеша во клубот на великаните. На 19 мај пред точно 20 години добивме право да се нарекуваме шампиони, сето тоа на името кое ги обедини сите и кое ги сакаа сите. Кометал Ѓорче Петров денеска слави две децении од својата европска шампионска титула! 

Со застрашувачка генерација, далеку од најплатена во Европа, но убедливо со најголемо срце, Кометал токму на денешен ден стигна до она што му беше запишано во судбината - порано или подоцна да стане шампион на Стариот континент. Годината беше 2002, две откако на истиот датум го одигра првото финале, против хегемонијата Хипо и загуби.

Но, 2001-02 беше вистинската сезона, со Луминица Дину на голот, со Наталија Малахова (подоцна Тодоровска), со Андријана Будимир и се разбира, 'рбетот на тимот во името на вонсериската Индира Кастратовиќ. На 19 мај се одигра реваншот против Херц Ференцварош, во „Кале“, откако првиот меч осум дена претходно заврши со 27-25 за Унгарките.

Јасно ни беше на сите дека тие два разлика се отворена порта до пехарот, а бестрашните девојки предводени од Александар Панов на клупата требаше само да измаршираат до него. Победија со 26-22 и ја расплакаа Македонија. Од среќа.

Буквално цела земја беше на нозе. Се славеше низ улиците на Скопје, а главната „фешта“ беше на плоштадот Македонија. Кастратовиќ, Нацева, Малахова, Кисељова, Велкова, Платон и останатите пред наши очи се трансформираа во национални херои и идоли на многу млади македонски ракометарки. Уште години пред тоа покажаа дека не е невозможно или забрането да се амбицирате кон врвот на она што го правите, а на 19 мај 2002 година докажаа и дека успехот е достижен дури и за народ како нашиот. 

Три години подоцна Кометал и третпат стигна до финалето, но тогаш данскиот Шлагелсе беше незапирлива машинерија, во чии редови одлично се вклопи и нашата Валентина Радуловиќ. Неколку години подоцна тимот се распадна и замина во историјата, но ја оствари својата цел и создаде еден незаборав.