Секуловски ќе го спасува Пелистер од испаѓање

Познатиот битолски стручњак Марјан Секуловски повторно е назначен за тренер на Пелистер и ќе има тешка задача да го спаси клубот од испаѓање од Првата лига.

Тоа ќе биде шести пат во неговата тренерска кариера да го води некогашниот освојувач на Купот на Македонија, а доаѓа на местото на Милан Стојановски кој вчера си поднесе оставка, по поразот од Струга.

„Решението за излез од кризниот период го побаравме во нашите редови. Како и сите големи клубови се потпревме на оние кои најдобро знаат што е Пелистер, како се менаџира тежок период во клубот и кој е патот за излез од кризата. Секуловски е дете на клубот, долги години играше и во водеше тимот, а својата професионала кариера го однесе во Победа, 11 Октомври, Новаци, Силекс, Македонија Ѓорче Петров, Брегалница, Мјанмар, Малдиви, Бангладеш... Секуловски во изминатите 8 месеци во клубот работеше како координатор на школата“, објави, меѓу другото, Пелистер.

Првиот меч на Секуловски на клупата ќе биде исклучително тежок - против шампионот Шкендија на 4 април.

Воедно, Пелистер повика на обединување во последните два месеци од сезоната за исполнување на клупските цели, пред се опстанокот во Првата лига што ќе биде мошне тешка мисија.