Горбок: Веруваме дека Самсоненко ќе нè исплати, но загрижени сме за иднината на Вардар!

Тешката финансиска ситуација во европскиот ракометен првак Вардар останува да натежнува кај македонската гордост, со нејасна иднина и со сериозни долгови кон ракометарите, но и ветување од рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко дека до мај ќе биде исплатено сè што се должи.

Во ек на пандемијата со коронавирусот, неизвесно е кога и дали воопшто ќе се игра ракомет, зашто никој не знае до кога ќе трае оваа ситуација, а рускиот репрезентативец и член на црвено-црните, Сергеј Горбок за „Брз Центар“ посочува дека верува во ветувањата на Самсоненко дека ќе бидат исплатени, ама...

„Долго време чекаме на решавање на проблемите и подготвени сме уште да чекаме, зашто ја сфаќаме комплексноста на ситуацијата. На крајот ние му веруваме на Сергеј Самсоненко дека сè ќе биде решено и завршено. Но, многу повеќе од долговите, нè плаши иднината на Вардар, како ќе опстане. Ќе биде трагично да се загуби сето тоа што се градеше со години. Ветено ни е дека ќе се решат проблемите со долговите до мај, но сето тоа останува во магла. Досегашниот дел од сезоната беше тежок“, вели Горбок.

Никој не знае до кога оваа ситуација ќе трае, како ќе се продолжи понатаму, зашто во ек е светската борба со ковиот Ковид-19, а во земјава веќе бројката на заразени стигна близу 500 со 17 починати лица.

„Колку што знаеме, нема да се игра ништо до крај на мај и сето тоа го разбираме, нема да може ни да се тренира. Мислам дека е тешко сè да се одигра на лето, постои опасност од многу повреди, а и не гледам причина да се продолжи. Но, засега сето тоа останува неизвесно. Се плашам дека продолжението на сезоната ќе изгледа глупаво. Ние зборуваме за професионален спорт, во кој се највисоки барањата – и наши, а и на гледачите и спонзорите. Како би успеале да бидеме на ниво, ако после два месеци лежење дома, треба веднаш да играме? Дури и по еден ипол месец активен одмор, нам за да фатиме некаква форма ни треба еден месец подготовки. Ако се почне веднаш да се игра, тоа нема врска со професионален спорт, надвор од сите стандарди би било тоа“, додава Горбок.