Поранешен селектор го презема кормилото на Бисинов!

Новајлијата во ракометната Суперлига, екипата на Бисинов, во продолжението од сезоната ќе има нов тренер во името на Владимир Глигоров.

Поранешниот тренер на Голден Арт се враќа во домашната елита откако ланската полусезона ја одработи во косовскиот тим Кастриоти со кој го освои Купот, а изминативе месец и половина работеше во Шведска со женскиот тим на Спанга. 

Глигоров, кој во минатото работеше и како селектор на женската репрезентација на Македонија, ќе го преземе Бисинов, тим кој по седум кола во Суперлигата има една победа и шест порази и се наоѓа на претпоследната позицијата на табелата. Клубот изминатиот период како и во деновите кога играше во Првата лига беше предводен од капитенот Ивица Илиев, кој има двојна улога на играч и тренер. 

Сега тимот на Бисинов се надева дека во оваа дебитантска сезона во елитата предводен од искусниот стратег ќе може да се избори за опстанок.