Гладијаторска битка покрај Езерото: Атанасијевиќ во последната секунда му донесе бод на Пелистер (ВИДЕО)

Екипите на Охрид и Пелистер одиграа нерешено (28-28) во првото големо дерби од новата сезона во македонската ракометна Суперлига.

Неверојатниот натпревар беше решен во последната секунда, а херој на битолчани беше Петар Атанасијевиќ кој постигна гол за израмнување. Крилниот играч на Пелистер со тоа го круниса извонредниот меч кој го заврши со максимален ефект - 8/8.

За тоа колку беше неизвесен овој натпревар, најдобро зборува податокот што ниедна од екипите немаше повисока предност од два разлика. Пелистер го имаше во два наврата, 8-6 во првото и 15-13 на почетокот од второто полувреме, додека Охрид само еднаш, со 18-16.

Во останатиот дел од мечот беше израмнето или со предност од еден разлика за некоја од екипите. Таквиот резултат придонесе за голема тензија и на теренот и на трибините, па натпреварот во повеќе наврати беше прекинуван поради расправии меѓу играчите или со судиите, а неколку пати двата тима беа со по двајца исклучени ракометари.

И во финишот имаше резултатска нишалка, ривалите се менуваа во водство, но се чинеше дека Охрид ја има добитната комбинација бидејќи во последните 30-тина секунди влезе со предност од 28-27 по голот на Матхе. Нападот на Пелистер не беше течен, охриѓани играа одлично во одбрана, но топката некако стигна на левата крило кај Атанасијевиќ кој без проблеми го совлада домашниот голман за израмнување и бод за двете екипи.

Матхе беше најефикасен кај Охрид со 11 гола од 13 шута, само еден гол помалку постигна Кузмановски на спротивната страна.