Поранешен репрезентативец во ракомет почна кампања #Спортистипротивкорона!

Во времена светска пандемија со коронавирусот, голем број спортисти донираат финансиски средства за да ја потхранат борбата против оваа заедничка закана за луѓето, а полека почнува и кај нас да се буди чувството на солидарност.

Поранешниот репрезентативец на Македонија во ракомет, Горан Кузманоски, почна кампања во која ги повика спортистите да донираат и да помогнат. Со хаштагот #спортистипротивкорона, тој ги повика не само ракометарите, туку сите спортисти, кои сметаат дека имаат повеќе и дека можат да одвојат од својот џеб да донираат.

„Собраните средства ќе бидат донирани за обезбедување на заштитини маски и опрема на здравствените работници кои се во првиот одбранбен ред и обезбедување на средства за дезинфекција и хигиена за социјално најзагрозените лица“, напиша на својот профил на Фејсбук популарниот Таста.

Ова е една од малкуте иницијативи на македонски спортисти за собирање парични средства за борбата против коронавирусот. Досега имаше информација само за соберени средства од фудбалската репрезентација, за лична донација во прилепската болница од Илија Нестороски, како и за донирани возила од ФФМ, за хируршката болница во Охрид.