Ракометарите на Еурофарм Пелистер дојдоа и до третиот по ред триумф на „Струшкиот турнир“, откако вечерва без никакви проблеми, буквално ја растурија домашната Струга со 28-16.

Битолчани со овој триумф го потврдија пласманот во големото финале, каде што речиси сигурно ќе ги одмерат силите со Вардар, кој вечерва ќе го одигра последниот меч од групната фаза против Бутел (21.15 часот). Стружани само десетина минути му парираа на големиот фаворит, по што работите дојдоа на свое место во корист на Е. Пелистер.

Македонскиот претставник во групната фаза од Европската лига претходно беше подобар од Металург и од Прилеп, додека вардараци ги совладаа РК Охрид и Е. Пелистер 2. Мечот за титула на „Струшкиот турнир“ е закажан за утре со почеток во 21.15 часот, а претходно ќе се одиграат средбите за третото (19.15 часот), петтото (17.15 часот) и седмото место (10 часот).