Чупиќ се изнервира: ЕХФ не само што не ни помага, туку прави да ни биде - потешко!

Вардаровото крило Иван Чупиќ, поранешниот хрватски репрезентативец, многу емотивно и жестоко распали по Европската ракометна федерација (ЕХФ) откако два меча на македонскиот и сè уште актуелен европски првак му одложија два меча од Лигата на шампионите поради проблемите со епидемијата од коронавирус.

Вардар не го одигра мечот со Елверум во Скопје бидејќи Норвежаните морале да одат во 14-дневен карантин по враќањето од Македонија, а ПИК Сегед не ги пречека црвено-црните поради позитивни случаи и изолација на тимот и сето тоа за Чупиќ е бесмислено од причина што ЕХФ има различни аршини во оваа корона ера со клубовите.

„Ова нема никаква смисла, работиме, тренираме и зависиме од ситуацијата. Подобро е тогаш воопшто да не се игра, зашто ова нема врска со регуларно натпреварување, баш како што нема врска со регуларност фајнл-форот да се игра на крајот на годинава, со учесници кои декларативно се избрани, а клубовите да играат во состави со кои воопшто не играа лани. Жално е што сите молчат на ова, од клубови до играчи и не е во ред. Сето ова ќе ни се одбие од глава, а ЕХФ... Од нив клубовите не добија ништо за време на корона-кризата, а сега со овој однос прават да им биде уште потешко“, вели Чупиќ.

Посочува дека не разбира како може лондонски Тотнем или сплитски Хајдук да дојдат во Скопје, а Елверум не може и како ПИК Сегед не може да игра, а Будуќност во женската ЛШ можела без 11 ракометарки..

„Јас ја разбирам ситуацијата, жал ми е за секој болен и заразен, против сум да се игра ако има опасност од ширење, ама... Кога бевме во карантин во ред, сите сме во карантин, ама кога ќе се реши да се игра – треба да се игра. Ако имаме по 20 здрави луѓе на двете страни, негативни тестови на судии, зошто не би се играло, ако е празна сала? Од кого би се заразиле? Е сега, на некој им фали играч? Во ред, и нас лани ни фалеа многу поради повреди, немавме бекови, па јас и Тимур (Дибиров – н.з.) игравме на тие позиции. Ама ете Елверум не дојде, ПИК Сегед може да игра со Кјелце, а не може со нас. Будуќност може без 11 ракометарки во Копривница, а други не можат. И каква врска има сега ова со регуларност, кои се тие правила во кој еден клуб ја жртвува сезоната, а друг не се ни труди да ја почитува. Зошто има различни критериуми?“, потенцира Чупиќ.

Хрватот за крај додава дека ЕХФ требала да се угледа на УЕФА, која успеа да ја доигра прекинатата ланска сезона, ама и да ги истурка квалификациите за новата.

„Не е во ред да го споредуваме ракометот со фудбалот, ама мора да се има јасни правила. Како тоа Елверум не може да дојде во Скопје, а може да дојдат Хајдук и Тотнем?! Норвешка ја имала Македонија на црвена листа? Па каква врска има тоа со нас, ако имаме 20 негативни играчи и ако постојано се тестираме. На крај, зошто воопшто се тестираме и трошиме пари? Нема ова никаква смисла и мора нешто да се преземе. Или нека се прекине или условите да бидат исти за сите. И да знаете ќе се случи во последните кола некој да бара одложување за корона, а тогаш ќе речат – не може! Натпреварувањето мора да се доигра. И сега прашање е зошто подцна нема да може, а може сега? Кога тие мислат да се одиграат заостанатите мечеви? Што ако ние имаме пет играчи кои се болни или повредени, ќе им кажеме: 'сега ние не може да играме'. Ако се игра, да се игра, ако не... УЕФА на сите им покажа како треба да се организира сè. Фудбалот можеше да се одигра на едно место и без гледачи, а ракометот не може. Можевме, ама не го сторивме тоа. Велат спонзорите биле важни, а УЕФА не ли има спонзори? И сега, пак е истото, ќе си тренираме, ќе се тестираме и пак ќе зависиме дали ќе се игра или не. Ќе го загубиме ракометот со ваков однос, зашто не го заштитуваме и правилата не се исти за сите“, заврши Чупиќ.