Јагма за билети за Мундијалот: ФИФА за 24 часа добила над пет милиони апликации

Светската фудбалска организација (ФИФА), објави дека примила повеќе од пет милиони барања за билети од повеќе од 200 земји во првите 24 часа откако започна третата фаза од продажбата на билети за Светското првенство во 2026 година во САД, Канада и Мексико.

Најголем интерес е покажан за натпреварот од групната фаза помеѓу Колумбија и Португалија, кој ќе се игра во Мајами на 27 јуни, по што следат натпреварите помеѓу Бразил и Мароко на 13 јуни во Њујорк, Мексико и Јужна Кореја во Гвадалахара на 18 јуни, Еквадор и Германија во Њујорк на 25 јуни и Шкотска и Бразил во Мајами на 24 јуни.

Најзаинтересирани за купување билети се од земјите домаќини, како и од Колумбија, Англија, Еквадор, Бразил, Аргентина, Шкотска, Германија, Австралија, Франција и Панама.

Оваа трета фаза трае до 17 часот по средноевропско време на 13 јануари. Времето во кое навивачите ги поднесуваат своите апликации не е важно, бидејќи сите ќе бидат вклучени во извлекувањето.