Битола ќе гори: Пелистер нема право да остане ниту без бод против Вардар!

Последната фаза од ракометното првенство во која ќше биде решено прашањето околу освојувачот на титулата почнува денеска и тоа на најдобар можен начин – со најголемото дерби помеѓу вечните ривали Пелистер и Вардар (18 часот).

Очекувањата се дека тоа ќе биде уште една во низа жешка пресметка помеѓу најголемите противници, која ќе се одигра пред преполните трибини во салата во Битола, каде што одамна нема билет ниту „за лек“. Ова ќе биде четврто „Ел Класико“ сезонава, а досегашниот меѓусебен скор е 2-1 за црвено-црните, кои ја добија првата пресметка во Супер купот како и дуелот во Скопје, додека пелистерци славеа на теренот каде што ќе се игра вечерва.

Од последната средба до денеска се променија многу работи, пред се во таборот на актуелниот првак, кој се раздели со неколку ракометари, а во меѓу време во својот состав ги додаде Филип Кузмановски и Дејан Манасков, а последно го потпиша и повремениот полски репрезентативец, Матеуж Пиеховски. Вардар, пак, ги додаде Немања Гојковиќ и Мохамед Бакар.

„Црвено-црните“ во плеј-офот стартуваат со три бода поради подобрата гол-разлика во меѓусебните средби во првиот дел од сезоната, додека противникот со два, поради што едноставно нема право на кикс на вечерашниот дуел во „Боро Чурлевски“. Покрај овој меч, денеска во Плејофот силите ќе ги одмерат Пролет и Алкалоид (16 часот), Тиквеш и Струга (17 часот), односно Бутел и Охрид (17 часот). Во плеј-аут лигата денеска ќе се одиграат две средби и тоа Аеродром против Пелистер 2, односно Прилеп против Скопје.