Војнески разочаран од Серед: Им донесов играчи од Интер и Арсенал, а тие немаа респект!

Македонскиот тренер Славче Војнески се раздели со словачкиот фудбалски клуб Серед, по низата лоши резултати во домашното првенство.

Екипата на Серед пред неколку дена загуби на гостувањето од последнопласираниот Похрони со 2-1, а очигледно тоа ја „прелеа чашата“ на незадоволство. При неговото заминување од клубот, Војнески не остана должен и остро ги искритикува челниците на клубот.

Немавме каде да тренираме, немавме што да облечеме за тренинг. Невозможно е да се работи во такви услови, истакна Војенски.

По оваа изјава следуваше и контра одговор од страна на спортскиот директор на Серед, Виктор Буча.

Нашиот тим беше добро облечен. Тренерот имаше неколку терени на располагање, еден од нив на вештачка подлога. Условите за тренинг беа идеални, како и регенерацијата и грижата на играчите, истакна спортскиот директор Буча.

Но, македонскиот тренер имаше одговор и за сите неправди со кои се соочил во клубот.

Ако некој ви донесе играчи од Интер, Арсенал или Аталанта, треба да покажете некоја почит, заклучи Војнески, кој алудираше на летните засилувања како Панагиотис Лука од Аталанта и Мај Рориќ, кој дојде од Интер, а исто така во клубот пристигна и младиот македонски голман Дејан Илиев, кој ги бранеше боите на Арсенал.