Трагично заврши прославата во Канзас Сити: Најмалку едно лице загина во масовното пукање

Голема трагедија се случи синоќа на прославата на НФЛ титулата на Канзас Сити Чифс во сојузната држава Мисури.

Најмалку едно лице загина, а девет се повредени во масовното пукање, соопшти полицијата и противпожарната служба на Канзас Сити. Тројца од повредените се во критична состојба, петмина во тешка, а едно лице има повреди кои не се опасни по живот. Вкупно, во болниците се примени 29 пациенти од кои 11 деца.

Животот го загубила Лиса Лопез Галван, ди-џеј на едно локално радио чиј сопственик ја потврди информацијата.

До пукањето дошло западно од стадионот Јунион. Приведени се три лица во чие совладување помогнале и присутните на прославата. Не се знае колку луѓе пукале, ни кој бил нивниот мотив, а засега не се објавени ни имињата на напаѓачите. На прославата на третата шампионска титула на Чифс во последните пет години, низ улиците на Канзас Сити имало над милион фанови.