
Самсоненко штеди во Вардар, но вложил 10 милиони евра - во својата авиокомпанија во Македонија!
„Централниот Регистар на Република Македонија постапувајќи по пријавата за упис на зголемување на основна главнина и запишување на одлука за измена на актот на друштвото за авио-превоз Сис авиатион ДООЕЛ Скопје, донесе решение со кое се одобрува пријавата за зголемување на главнината на 9.245.808 евра“, пишува порталот, специјализиран за економија.
Сопственик на компанијата Сис авиатион е рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, a седиштето на авио-компанијата е со седиште во општина Карпош.
Ова зголемување на капиталот на авиокомпанијата доаѓа во време кога сѐ погласни се шпекулациите дека Самсоненко значително ќе намали со инвестирање во спортските клубови Вардар, кои беа под негово покровителство. Викендов, женскиот ракометен клуб ќе игра на Фајналфор турнирот од Лигата на шампионките во Будимпешта, што ќе биде последне голем турнир за црвено-црните, откако тие добиле информација дека клубот од наредната сезона ќе работи само со млади македонски ракометарки. По појавувањето на информацијата, сите ракометарки си најдоа нови клубови - ги засилија речиси сите досегашни вардарови конкуренти за титулата најдобар клуб во Европа.
Многумина заминаа и од машкиот ракометен клуб, за кој се шпекулира дека наредната сезона ќе биде со драстично намален буџет и секако со намалени амбиции од годинава, кога избраниците на Раул Гонзалес ќе треба да ја одбранат титулата европски првак што лани ја освоија во Келн. Турнирот е во истиот град, на 26 и 27 мај, а по него следува огромно одлевање на странските играчи во разни европски клубови. Дури и тренерот Раул, вгодина ќе го води ПСЖ, кој сега е најголем конкурент на Вардар за осовјување на ЛШ.
Најнејасно е во фудбалскиот клуб, кој по историската сезона и учеството во Лигата на Европа на УЕФА, доживеа тотално фијаско на домашен план. Си замина речиси пола тим, екипата не успеа да ја одбрани титулата, која замина во рацете на Шкендија, а вардарци не успеаја ниту во националниот Куп. Од клубот срамежливо доаѓаат најави дека Самсоненко ќе прави солиден тим, но без нагли потези - замислата била Вардар за три сезони повторно да се врати во европските натпреварувања, но сега на голема врата.
Можеби инвестирањето на огромна сума на пари во авиобизнисот малку ќе ги развесели потиштените вардарови навивачи, кои немаат никакви официјални вести што ќе се случува со нивните омилени клубови во иднина.