Роналдо пред десет години ќе го убиеше „слепиот“ Нани зашто му го украде најубавиот гол (ВИДЕО)

Во периодот кога фудбалската топка е во мирување поради глобалната пандемија со коронавирусот, медиумите се трудат да потсетам на најинтересните спортски моменти, меѓу кои дефинитивно е лутината на Кристијано Роналдо пред точно една деценија, кога да можеше сигурно ќе го убиеше својот репрезентативен соиграч Нани.

Тоа беше дуел на Португалија против Шпанија во 2010 година, кога сегашната ѕвезда на Јувентус ја имаше една од најдобрите соло-акции во својата кариера и тоа против одбрана во која беа играчи како Жерар Пике, Чаби Алонсо и Икер Касиљас. Неверојатни дриблинзи и маестрален финиш со поткопување на топката, по што веќе почна да се радува кога Нани без никакви потреба го потврди голот, кој веднаш беше поништен бидејќи тој беше во офсајд.

Роналдо ја имаше најбесната реакција во кариерата, дури и ја фрли капитенската лента, а од неговите очи буквално летаа искри кон соиграчот, кој го ограби за можеби најубавиот гол.

„Не разбирам, дури и слеп човек можеше да види дека топка е веќе во голот. Не знам дали е случајно или не, но сите мои најубави голови во дресот на репрезентацијата се поништени“, изјави тогаш Роналдо.

Свој коментар за ситуацијата имаше и Нани.

„Ја допрев топката бидејќи мислев дека не сум во офсајд. Сѐ се случи многу брзо. Откако размислив убаво, му се извинив на Роналдо. Тоа беше негова неверојатна мајсторија која не требаше да му ја уништам“, е коментарот на поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед.

Поништениот погодок не ја попречи победата на Португалија, која ја прегази Шпанија со 4-0, но ова, сепак, ќе се памети како меч во кој Нани му го украде најубавиот погодок на Роналдо.