Поршето на Марадона се продава на аукција, почетна цена – 200.000 евра

Поршето кое го поседувал Диего Армандо Марадона, трагично починатата аргентинска легенда од својата последна сезона во Европа, како член на шпанска Севилја, се најде на аукција со почетна цена од 200 илјади евра.

Откако Марадона дојде во Шпанија во 1992 година, откако ја одлежа суспензијата од 15 месеци после кокаинската афера во Наполи, тој возеше сребрено Порше 911 со кое еднаш се најде во ценатр на скандал, зашто со автомобилот минал на црвено со брзина од 180 километри на час.

„Овој автомобил го возел Марадона и затоа можеби вреди два или трипати повеќе од вредноста на еден обичен стандарден автомобил“, вели Грегори Тујтенс, специјалист за автомобили на аукциската куќа Бонхамс.

Аукцијата стартува денеска и ќе трае до 10 март, Поршето има поминато 120.000 километри, а почетната цена му е 200.000 евра, но за очекување е дека би достигнал во следната седмица многу поголема цена од првата понудена.