Бундеслигата ги одра Унион Берлин и Херта: Ќе платат 350.000 евра поради ултрасите!?

Ваква драконска казна за навивачки пиротехнички спектакли, зачинети со навредливи пораки не е видено во светот на фудбалот, а бундеслигашите од Берлин, Унион Берлин и Херта заедно ќе платат 350.000 евра поради ултрасите на двата клуба.

Бундеслигата едноставно е безмилосна кога станува збор за навивачите, па големите казни практично се причина што многу малку има употреба на пиротехника на стадионите, но првото берлинско дерби на кое се чекаше од 2013 година, кога последен пат двата клуба меѓусебно играа во Цвајта (Втората лига) донесе многу пиротехника и навивачки испади.

Па, челниците на Бундеслигата поради тоа ја казнија Херта со 190.000 евра, што е рекордна казна што еден клуб ја платил поради своите навивачи, а досегашниот рекорд го држеше Мајнц со 160.000 евра. Унион Берлин доби казна од 158 илјади евра.

Двата клуба се казнети за огромното количество на пиротехника кое беше запалено на ноемвриското дерби, палење на знамиња, навредливо скандирање, а имаше и втрчување на терен на неодговорни навивачи и нивна пресметка со обезбедувањето по завршувањето на мечот.

Берлинската полиција по мечот објави дека тројца навивачи биле повредени, а четворица уапсени. Двата клуба најавија жалба на тешките парични казни кои ги добија.