Рајковиќ во ЦСКА ќе располага со исто пари како и - градоначалничката на Скопје!

Емил Рајковиќ летово направи трансфер од соништата седнувајќи на клупата на најтрофејниот европски тим ЦСКА Москва, работа која станува уште попривлечна ако се знае дека на располагање има буџет од скоро 50 милиони евра, што е само десетина милиони помалку од годишниот буџет на град Скопје.

Ова е сума за која сонува не само секој македонски туку и европски тренер, а шансата да предводат вака богати клубови имал само мал број избрани стратези, кои влегуваат во самата елита. Рајковиќ со ова дефинитивно се издига не само во најреномиран кошаркарски тренер кај нас, туку како најдобар стратег во било кој спорт. Освен во фудбалот, да се има на располагање буџет од 50 милиони евра е нешто недостижно во било кој спорт, што дава гаранција дека пред македонскиот тренер се две години во кои секако ќе се етаблира меѓу најдобрите на Стариот континент.

Тимот УНИКС Казан, пак, за кој игра репрезентативецот Ненад Димитријевиќ, располага со буџет од 21,4 милиони евра, во кои е вклучена неговата годишна плата од 500.000 евра. Македонецот во овој клуб ќе игра една сезона и тоа на заем од Валенсија.