По два месеца, Силекс се израдува на победа - прва сезонава на гости
Избраниците на Александар Васоски одиграа сигурен натпревар и уште од почетокот покажаа дека во Куманово се дојдени по трите бода. Притисокот им се исплатеше во 13. минута, кога Нихад Шеро ја заврши акцијата на гостите за водство од 1-0. Ефтимов ја започна акцијата по левата страна, Донов ја продолжи, а Шеро ја испрати топката во мрежата на домашниот голман Алиу.
Силекс продолжи да напаѓа и во продолжението од првиот дел, а Хасукиќ имаше можност да ја зголеми предноста, но не успеа да ја искористи шансата. На самиот почеток од второто полувреме, Кристијан Ефтимов се погрижи за потегот на натпреварот. Левиот бек упати одличен удар од левата страна, ја префрли топката преку голманот на Башкими и постигна атрактивен погодок за 2-0. Со ова водство, Силекс доби дополнителна сигурност, а кратовчани набргу имаа можности и за трет гол преку Хасукиќ и капитенот Ангелески.
Башкими се обиде да се врати во натпреварот, а во 76. минута Рибеиро ја затресе мрежата на Силекс. Сепак, по интервенција на ВАР, погодокот беше поништен поради офсајд, па домашниот тим не успеа да ја врати неизвесноста. Казната за пропуштените можности на Башкими стигна во судиското надополнување. Нововлезениот Александар Мишов ја искористи својата шанса и го постави конечниот резултат од 3-0, потврдувајќи го заслужениот триумф на гостите.
За Силекс оваа победа има големо значење, бидејќи дојде по шест последователни натпревари без триумф во првенството. Последен пат кратовци се радуваа на 15 август, кога го совладаа Скопје, по што следуваа три ремија и три порази.Оваа победа е и прва за тимот на гостински терен по двата пораза и двата нерешени резултати претходно.