Мурињо со шокантна изјава за Винисиус: Да бев на негово место, ќе го напуштев Реал!
Португалскиот стратег беше прашан за ситуацијата околу Винисиус, кој се најде во центарот на вниманието поради своето однесување на теренот и односот со противничките навивачи. Мурињо не го криеше восхитувањето од карактерот на Бразилецот, но призна дека лично не би имал толку трпение доколку се најдеше во слична ситуација.
„Да бев на негово место, веројатно немаше да бидам тука. Минатото лето ќе се обидев да издејствувам заминување во лига, во земја или во средина каде што повеќе ќе ме почитуваат противничките клубови и навивачи“, порача Мурињо.
Според португалскиот тренер, Винисиус одлучил да остане во Реал Мадрид поради љубовта кон клубот и желбата да продолжи да испишува историја во белиот дрес. Бразилецот неодамна ја потврди својата посветеност кон мадридскиот гигант со продолжување на договорот.
„Тој е фантастично момче со кое е лесно да се изгради добар однос. Му давам огромно признание затоа што, и покрај сè, продолжува да живее и да се справува со ситуацијата со насмевка на лицето“, додаде Мурињо.
Португалецот со овие зборови јасно покажа дека ја цени менталната сила на Винисиус, кој во изминатите години често се соочува со критики, провокации и навредливи реакции од противничките навивачи. Винисиус последните две години се поврзуваше со трансфер во Саудиска Арабија од каде имаше понуда од 400 милиони евра, но одлучи да остане во Шпанија каде е далеку од омилен, дури и меѓу навивачите на Реал.