Невремето ѝ направи хаос на Барселона - неизвесно и патувањето за Париз
Фудбалерите, стручниот штаб и членовите на управата повеќе од два часа поминале во авионот во Севиља, чекајќи дозвола од контролата на летање на аеродромот „Ел Прат“ во Барселона за да се упатат кон каталонската престолнина. Сепак, поради неповолните временски услови и обилните врнежи, летот на крајот бил целосно откажан.
Каталонците немале друг избор освен да се вратат во хотел и да преноќат во Севиља, што дополнително им ги искомплицира плановите за наредните денови. Според информациите, поради продолжувањето на невремето во Барселона, не е исклучена ниту можноста тимот директно од Севиља да отпатува за Париз. Таквото сценарио би значело нови проблеми за тренерскиот штаб, бидејќи играчите веќе деветти ден по ред не би можеле нормално да тренираат во клупскиот тренинг-комплекс. Дополнително, нарушени се и плановите за одмор и закрепнување по физички напорниот дуел со Бетис.
Како дополнителен предизвик се наведуваат и големите демонстрации во Франција, кои би можеле да претставуваат безбедносен ризик и да ја отежнат организацијата на престојот на тимот.
Така, наместо да се фокусира исклучиво на спортските обврски, Барселона се соочува со низа логистички проблеми во период кога на тимот му се потребни мир, квалитетни тренинзи и соодветен одмор. Останува да се види дали временските услови ќе дозволат враќање во Барселона или експедицијата ќе мора да ги промени плановите и да замине директно за Париз.
Пред Барселона е пеколна недела во која прво гостува кај ПСЖ во Лигата на шампионите, а потоа го пречекува Реал во првото Ел Класико оваа сезона.