Како до прво место: Четири разлика нѐ носи на врвот, со три ќе биде – весела математика!

Македонија ја чекаат последните 180 минути од третата сезона во Лигата на нации и двата клучни мечеви со Грузија во петок во Тбилиси (18 часот) и со Бугарија во понеделник во Скопје (20.45 часот), пресметки кои црвено-жолтите мора да ги добијат во борбата за прво место во групата и пласман во баражот за Еуро 2024.

Фудбалската репрезентација чија цел беше првото место ќе мора голгетерски да се надмине, зашто скопските 0-3 во јуни од Грузија го скратуваат просторот во таа битка, па било какви победи во двата меча нема да може да ни го донесат пласманот кој го посакуваме и за кој целиме.

Грузија е лидер во групата со 10 бода (гол-разлика +10, 12-2) пред Македонија која има седум бода (+3, 7-4), но во пресметката во Тбилиси за почеток не игра гол-разликата туку меѓусебниот дуел, а тоа значи дека треба најмалку да надополниме три разлика. За сигурна превласт во меѓусебниот дуел ни треба победа со четири или повеќе разлика, а сѐ под тоа би било или весела математика или научна фантастика. Со победа со три разлика ќе влеземе во веселата математика во која ќе треба да дадеме два гола повеќе против Бугарија од тоа што Грузија би му дал на Гибралтар, а било каква победа со еден или два гола во Тбилиси ќе нѐ стави само во една ситуација – Гибралтар да ни помогне во последното коло и да ги сопне Кваратсхелија и другарите.

Според пропозициите на УЕФА, ако две селекции имаат ист број на бодови во групната фаза, прв услов е меѓусебниот дуел врз база на освоени бодови во мечевите, ако е ист, тогаш се гледа гол-разликата во меѓусебните пресметки, а ако и тоа е исто, следува кој дал повеќе голови. Затоа за превласт ни треба четири разлика, а со три би биле идентични во секој поглед и потоа би се преминало на останатите критериуми за да се добие лидерот

Следен ако сѐ е исто е вкупната гол-разлика, ако и таа е иста, а постои опција и за такво нешто, тогаш следува кој дал повеќе голови во мечевите, па кој дал повеќе голови на гости... Ако е и сето ова исто, следува кој запишал повеќе победи, па следно е кој имал повеќе гостински победи, за на крај да решава дисциплината според бодување за жолти и црвени картони. Ако и тука нема „победник“, последно е кој бил во подобра позиција според пријавниот лист (рангирање) пред стартот на оваа сезона во Лигата на нации.

Едната едноставна шанса без главоболки е таа победа со четири или повеќе разлика, втората, пак, делува уште потешко од првата, ние да ја наполниме Бугарија со многу повеќе голови од тоа што би го сториле Грузијците против аутсајдерот Гибралтар. Најнереалната опција која е во ранг на научна фантастика е Гибралтар да ни помогне и да направи вистинско чудо исто како во првата сезона на патот кон Еуро 2020 преку оваа Лига на нации, кога Гибралтарците ја победија Ерменија, па за нас излезе безболен поразот во Ереван со 0-4 и фактот дека ривалот имаше подобар меѓусебен скор со нас.

Проблем за Македонија е што е некомплетна, што Милевски не може да смета на дури осуммина од повиканите во март во мундијалските баражи, но и фактот дека формата на поголем дел од фудбалерите не е на нивото, а и реализацијата во јуни беше проблематична, а сега ќе мора да е перфектна.

Сепак, како што најави Милевски, а и фудбалерите, сѐ додека постои и најмала шанса ќе се борат до последна капка пот.

СИТЕ ОПЦИИ ЗА МАКЕДОНИЈА ЗА ДА СЕ ВРАТИМЕ ВО ТРКАТА ЗА БАРАЖ

ЧЕТИРИ РАЗЛИКА – сигурен пласман на првото место со услов секако потоа во последното коло да ја победиме Бугарија и со тоа ќе оствариме премоќ во меѓусебниот дуел - 0-3 во Скоппје, 4-0, 5-1, 5-0... во Тбилиси

ТРИ РАЗЛИКА – ќе мора да ја победиме Бугарија со два гола повеќе од тоа што Грузија би го победила Гибралтар. Ако заврши 3-0, ќе имаме 10-4 (+6), Грузија ќе биде на 12-5 (+7), што значи ако Грузија го победи Гибралтар со 1-0 (ќе има 13-5), ние ќе мора да победиме 3-0 (13-4), зашто триумф со 2-0 (12-4) би им одел во прилог на Грузијците поради повеќе дадени голови при иста гол-разлика. Ако биде 2-0 за Грузијците (14-5) ни треба 4-0 (14-4) со Бугарија итн.

БИЛО КАКВА ПОБЕДА СО ЕДЕН ИЛИ ДВА РАЗЛИКА – тоа ќе значи „научна фантастика“ зашто Грузија би била недостижна во меѓусебниот дуел, па нам освен победа со Бугарија ќе ни треба уште понереален услов – кикс на Грузија со Гибралтар.