Ракометарите на Алкалоид ја запишаа третата победа во македонската ракометна Суперлига, откако вечерва славеше против Охрид со 24-22.

Двете екипи влегоа внимателно во мечот, па по девет минути беа постигнати само шест гола (3-3), по што Алкалоид го презема водството и во 20. минута поведе со 10-8, меѓутоа гостите од Охрид не дозволија поголема негатива пред паузата и намалија на 11-12 на полувреме.

Алкалоид имаше подобар старт на вториот дел и набрзо избега на плус четири (16-12), додека Охрид не успеа да им се приближи ни по 50 минути игра бидејќи резултатот беше 19-15 во корист за домаќините.

Охрид на само една минута пред крајот намали на 21-23 за надеж дека може да извлече бод, но сепак Алкалоид не дозволи такво нешто и славеше со 24-22.

Најефикасен кај Алкалоид беше Александар Стојков со пет гола, додека Озтурк постигна шест погодоци за Охрид.

Тиквеш стигна до втората победа во новата сезона во Суперлигата, откако беше подобар од Јуниор Кисела Вода со 32-25. Најдобар во триумфот беше Страхиња Симиќ со седум гола, додека на спротивната страна Дарио Симоноски постигна девет гола.