Адеми им го урна сонот на чаирчани: Динамо го елиминира Шкупи од ЛШ (ФОТО+ВИДЕО)
Само две минути по стартот на вториот дел, Адеми како по обичај од втор план се наде во шанса и погоди во мрежата на Шкупи, па македонскиот репрезентативец е клучниот фудбалер на Динамо во овој двомеч зашто во ремито пред една недела во Загреб (2-2), даде еден гол, а асистираше на вториот.
Динамовци заслужено победија зашто денеска можеа да дојдат и до поубедлива предност, но повторно низата шанси што ги направија не ги реализираа, иако Шкупи во првото полувреме одигра многу подобро од вториот дел, а ги пресече и раниот гол на Адеми.
Реналдо Цепас ја имаше најзрелата шанса за чаирчани после нешто повеќе од пола час од мечот, кога биеше крај самиот дирек на Доминик Ливаковиќ, претходно Џелил Абдула биеше опасно над голот после еден центаршут и чаирчани сериозно му парираа на фаворитот во првите 45 минути.
Бруно Петковиќ и Дарио Шипкиќ ги имаа најзрелите шанси во првиот дел за Динамо, а потоа Петковиќ уште двапати беше во шанса во вториот дел, Лука Менало даде гол кој беше поништен поради офсајд, па на крај мечот го реши голот на македонскиот репрезентативец Адеми.
Шкупи со елиминацијата не ја завршува европската авантура, зашто сега продолжува во третото коло во Лига Европа.