Александар Петровиќ повторно во Аеродром
Интересно е тоа што Петровиќ се враќа во Аеродром каде што од оваа сезона настапува Скопје, но ќе го води другиот тим со слично име. Станува збор за стручњак кој добро познава македонскиот кошаркарски амбиент, а зад себе има богато тренерско искуство. Освен што со МЗТ Скопје стигна до шампионската титула, во кариерата ги предводеше и Пелистер, Академија ФМП, Куманово, Карпош Соколи и Гостивар од каде замина во февруари годинава.
Пред новиот тренер, сепак, стои сериозен предизвик. Скопје никако да го пронајде вистинскиот ритам на почетокот од сезоната, па по шест одиграни кола има само еден триумф и се наоѓа на дното од првенствената табела.
Петровиќ веднаш ќе се фати за работа и денеска ќе го одржи првиот тренинг со новите играчи. Неговото деби на клупата на Скопје е закажано за недела, кога вицешампионот ќе гостува кај Штип.