„Многу сум среќен за Несторовски, зашто ова го заслужи за сета посветеност!“

Македонскиот репрезентативец Илија Несторовски даде шест гола на трите досегашни контролки за Удинезе, откако неодамна доби нов договор од калчолигашот, па на фантастичната предсезона за упорноста и истрајноста на прилепчанецот ептен се израдува и неговиот соиграч, голманот Едоардо Пиана.

Несторовски даде еден гол, првиот во предсезоната за Удинезе, против Лиенц во триумфот со 11-0, па додаде два во ремито со Унион Берлин (3-3), а само 24 часа по тој меч против љубљанска Илирија даде хет-трик за победа со 3-0.

„Несто моментално жари и пали. И го заслужи сето ова. Го заслужи за сета своја напорна работа и само докажа дека со максимална посветеност се сѐ враќа. Среќен сум за него навистина“, рече Пиана.

Несторовски имаше многу мала минутажа откако во ноември се врати на терените после седум месечната пауза по операцијата на коленото и на крајот на изминатата сезона сѐ најавуваше дека ќе си замине, ама доби нов договор од Удинезе и сега после одличниот почеток во сезоната најавува дека ќе ига многу поголема и поважна улога кај новиот тренер Андреа Сотил.